Приказна зад бројките
Во рамките на востановената практика за развивање на соработка со институциите и организациите во Република Македонија, студентите од Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје придружувани од Деканот на Економскиот факултет Проф. Д-р Сашо Кожухаров, имаа можност да го посетат Државниот завод за статистика. Нивен домаќин воедно и предавач беше директорката Д-р Благица Новковска, која студентите на УТМС ги запозна со суштината, активностите, хармонизирањето и ситемите на делување на статистичкиот систем на земјава.
Предавањето, односно тематските содржини на Д-р Новковска беа поделени во три дела, почнувајќи од статистичкиот систем и статистичкото известување, со посебен акцент на местото и улогата на Државниот завод за статистика, потоа статистичкиот бизнис процесен модел и пописот на населението, домаќинствата и становите.
Студентите на Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје во взаемна заедничка координација, покрај презентацијата, имаа и ретка можност да ги тестираат и своите знаења од областа на туризмот, економијата, географијата и демографијата на on-line страницата на Заводот, односно преку Еуростат -Статистичкиот систем на Европската Унија.
На средбата во Државниот завод за статистика присутните студенти на УТМС добија свој линк во единствената база на податоци на Заводот. Истовремено, при посетата на оваа значајна државна институција, беше договорено и потпишување на договор за соработка помеѓу Државниот завод за статистика и Универзитетот за туризам и менаџмент, со особено апострофирање на практикантската работа на студентите.
https://ef.utms.edu.mk/vesti/497-utms-vo-poseta-na-zavodot-za-statistika-na-republika-makedonija#sigProId11ac4528d9