Центарот за кариера при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, на 26-ти март 2013-та, во просториите на УТМС, организираше средба на студентите од овој Универзитет, со преставници на консалтинг компанијата за човечки ресурси, Job Trust од Солун, Република Грција. Целта на оваа средба беше реализација на интервјуа со студентите од УТМС за извршување на студентски практикум, кој ќе се изведува ширум Република Грција, во хотели со пет ѕвезди, со време траење од три месеци.
Пред да започне официјалното интервју со студентите, преставничката на оваа консалтинг компанија, г-ца Андреа Балан, одржа презентација, преку која на студентите им беше претставена целокупната програма, пред се компанијата, потоа условите и начините за аплицирање, но и регионите каде припаѓаат хотелите во кои се извршува летниот практикум. Истовремено, студентите беа запознаени и со условите кои треба да ги исполнат, за да можат да бидат вклучени во реализацијата на практикумот, потоа работните обврски кои ги носат одредени позиции, времетраењето на практичната настава, број на работните денови и часови, наградите за успешно извршениот практикум, но и санкциите доколку не се почитуваат договорите од програмата.
Г-ца Балан секој студент го интервјуираше посебно, а истото се состоеше од прашања кои се во доменот на работата врзана за практичната настава во хотелите, односно дали студентите имаат познавање од странски јазици, потоа дали имаат досегашното работно искуство, и секако прашања кои се врзани за нивните афинитети во одделни работни позиции.
Инаку, реализацијата на интервјуата со студентите со оваа консалтинг компанија од Република Грција, се случува веќе неколку години по ред. Таа всушност е дел од воведената практика на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје за изведување на летен практикум, каде студентите од УТМС, имаат можност да се стекнат со практични знаења, кои во иднина ќе бидат дел од нивните работни обврски.
https://ef.utms.edu.mk/vesti/408-podgotovki-za-studentski-praktikum-vo-hoteli-vo-grcija#sigProIdc579d4dd65