ПРЕДАВАЊЕ НА ТЕМА “ПОДДРШКА ЗА МАЛИТЕ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА”

    Во рамките на програмата на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје, за соработка со гости-предавачи, кои пред присутните, студентите на УТМС, презентираат дел од своето знаење и богато искуство од областа во која што се експерти, на 22.03 2013 година, гостин-предавач на Факултетот за претприемачки бизнис при УТМС, беше м-р Сузана Арсова-Костадинова, помошник раководител на сектор за претприемаштво во Министерство за економија на РМ.

    Од името на УТМС, гостинот-предавач, м-р Сузана Арсова-Костадинова, студентите и останатите гости, ги поздрави доц. Д-р Љубиша Николовски, кој истакна дека ова предавање ќе биде од големо значење за студентите, во поглед на збогатување со нови информации и знаења, особено за студентите од Факултетот за претприемачки бизнис, но и за студентите од сите останати факултети на УТМС.

    На почетокот на својата презентација м-р Сузана Арсова-Костадинова укажа дека ова предавање главно се концентрира на програмата за поддршка и развој на претприемаштвото и развој на конкурентноста на малите и средни претпријатија, која Министерството за економија на РМ ја имплементира веќе неколку години. Почетиокот изобилуваше со статистички информации за бројот на мали и средни претпријатија во РМ, кои, не само кај нас, туку и во ЕУ, се идентификуваат како столб за развој на сите економии.

    Статистичките податоци за направените анализи во периодот од 2008 до 2011 година покажуваат пораст од година во година на бројот на мали и средни претпријатија кои достигнале и 99% учество на пазарот, додека пак големите претпријатија имаат учество со приближно 1%. М-р Сузана Арсова-Костадинова исто така истакна дека 75%-78% од вкупната работна сила се вработени во секторот на мали и средни претпријатија. Тргнувајќи од овие статистички податоци и нашата економија се ориентира на донесување на стратешки развојни документи кои содржат мерки за понатамошен развој и поддршка на овој сектор, бидејќи тој претставува солидна основа за да може понатаму да се развива целокупната економија во државата.

    Како што истакна М-р Сузана Арсова-Костадинова, за 2013 година е изготвена интегрирана програма за развој на мали и средни претпријатија во областа на конкурентноста, иновативноста и претприемаштвото. Оваа програма содржи мерки кои веќе се реализираат, како и информации за критериумите и условите и за тоа на кој начин можат претпријатијата да аплицираат и да ја добијат посакуваната помош од државата, која им е потребна за да го обезбедат својот развој. За крај, гостинот-предавач, ја спомена и промоцијата на Бизнис ангелите како алтернативна форма на финансирање на малите и средни претпријатија.

    По завршување на предавањето студентите од УТМС на гостинот-предавач и поставуваа повеќе прашања врзани за зголемувањето на буџетот за финансирање на малите и средни претпријатија, улогата на Бизнис ангелите, но најголем интерес студентите покажаа за актуелноста на жените претприемачи кои во последните години покажале голем интерес кон претприемаштвото. Ова беше уште една драгоцена можност за студентите од Факултетот за претприемачки бизнис да ги слушнат мерките, стратегиите и идните проекти на Министерството за економија на РМ, за поддршка и развој на малите и средни претпријатија.

    ПОВРЗЕТЕ СЕ СО НАС

    Бул. Партизански одреди, бр. 99, Скопје, Македонија

    • dummy contact@utms.edu.mk

    Фондација и стипендии

    Галерија

    © Copyright UTMS 2018.

    Пребарај