МАКЕДОНИЈА ИМА СТАБИЛЕН БАНКАРСКИ СЕКТОР

    „Монетарната политика во Македонија во услови на должничка криза во еврозоната, и високата неизвесност на светските финансиски пазари“, беше темата на која на 04.04.2013 година на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје, предавање одржа Гувернерот на Народна Банка на Република Македонија, Димитар Богов. И ова гостување на г-дин Богов е дел од определбата на УТМС да им овозможува на своите студенти стекнување научни, но и практични знаења од еминентни стручњаци и практичари од различни области. Овој пат, од областа на економијата, банкарството, финансиите, глобализацијата ...

    Светската финансиска криза

    Како дојде до финансиската криза, како таа се рефлектираше и какви мерки беа превземени од страна на државите, владите и централните банки ширум светот и вклучително и во Република Македонија, што се превзема од страна на монетарната и фискалната власт, беа темите на кои се осврна во своето предавање Гувернерот на НБРМ, г-дин Димитар Богов, кој елаборирајќи го хронолошки целиот процес истакна дека оваа криза е една од најголемите во историјата и како таква се споредува со Големата депресија (1929-1933 година). Како феномен од светски размери сеуште се истражува, а ќе биде предмет на опсежни истражувања и во иднина. Имено, постојат различни мислења за причинителите на кризата која ги погоди сите економии ширум светот, се генерираше во финансискиот сектор, а молскавично брзо се прелеа во реалниот сектор ширум светот. Во академските и бизнис кругови генерално преовладува мислењето дека оваа финансиска криза се случила како резултат на нарушување на рамнотежата, односно главен причинител е значителното зголемување ( за два пати) на стапката на раст во земјите во развој и од тоа предизвиканата зголемена ликвидност која го креираше феноменот на ефтини пари, кои беа насочени кон неризични и високоризични инвестиции подеднакво, не водејќи притоа сметка за степенот на ризик.

    Потценувањето на ризикот, рече тој, доведе до масовен пласман на слободните паричните средства од банките, особено вo форма на хипотекарни кредити. Состојба која доведува до создавање на таканаречени меури на финансиските пазари, кои подоцна се распрснале кога граѓаните се соочиле со неможноста да ги исплаќаат кредитите. Нарушената ликвидност ги доведе на прагот на банкрот многу големи банки во развиените економии, па беше неопходна државна интервенција.

    Финансиската криза во еврозоната

    Димитар Богев, НБРМ Гувернерот во своето излагање, направи и хронолошка елаборација на причините и последиците од кризата во најзагрозените земји од Европската Унија. Имено прва на удар од земјите на ЕУ, беше Грција, рече Богов и потенцираше дека и останатите земји од Унијата се нашле во слични проблеми, но поради различниот карактер и уреденост на финансиските системи на секоја земја поединечно ефектот бил различен. Така ирските проблеми се јавиле како последица на државната одлука за спас на банките кои се нашле на работ на банкрот, што довело до генерирање на државен буџетски дефицит, додека, пак, во Шпанија, која инаку важела за земја со низок дефицит проблемите се појавиле поради пласманите на банките во градежниот сектор, односно кон кредитите за недвижности на шпанскиот брег.

    Во своето излагање Гувернерот Богов, не испушти ни да даде приказ за причинителите на моменталната лоша финансиска состојбата во Република Словенија. Според него проблемите во оваа земја се јавуваат како резултат на инвестиционата политика на голем број компании во минатите периоди кои инвестирале во проекти во соседните земји, кои пак, се покажале како непродуктивни и високо ризични, а кои во голем дел биле финансирани од страна на словенечките банки. Ваквата ситуација резултирала со пораст на проблематичните, односно лошите кредити, што ги довеле банките во многу лоша финансиска состојба, а како решение, како што потенцираше Богов, ќе биде нивна докапитализација.

    Финансиската ситуација во Македонија

    Во Република Македонија, пак, Богов стабилноста на земјата ја гледа во стабилниот курс на денарот и ниската стапка на инфлација. Хронолошки гувернерот говорејќи за состојбите во Македонија пред светската економска криза, напомена дека земјата била во исклучително стабилна позиција. Притооа, го нагласи фактот дека во 2007-та година се вратени долговите кон кредиторите, а јавниот долг изнесувал 32 проценти од БДП, а од друга страна, Македонија има дисциплинирана фискална политика и одржува низок степен на буџетски дефицит.

    Заклучоците на Гувернерот Богов, за состојбите во Република Македонија се дека банкарскиот сектор е стабилен, постои поволна клима за креирање на монетраната политика, инфлацијата е контролирана и единствено постојат осцилации кои се контролираат како резултат на движењето на цената на нафтата и житариците на светските берзи. Сепак македонскиот БДП сеуште не расте со потенцијалната и посакувана стапка, рече Богов.

    Во рамките на посетата, Гувернерот на Народната Банка на Република Македонија г-дин Димитар Богов реализира средба со со Ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент, Проф. Д-р Аце Миленковски, на која беше потврдена соработката меѓу овие две институции, но и конкретизирани одредени проекти на кои ќе се работи во иднина.

    ПОВРЗЕТЕ СЕ СО НАС

    Бул. Партизански одреди, бр. 99, Скопје, Македонија

    • dummy contact@utms.edu.mk

    Фондација и стипендии

    Галерија

    © Copyright UTMS 2018.

    Пребарај