“Менаџирање на царинските активности во Република Македонија “, беше темата на која, на 20.05.2013 година на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје, предавање одржа директорот на Царинската управа на Република Македонија, г-дин Ванчо Каргов.
Посетата на директорот на Царинската управа се реализира во рамките на програмата на Универзитетот за туризам и менаџмент, за повикување гости-предавачи, кои пред присутните, особено пред студентите на УТМС, презентираат дел од своето знаење во областа во која што се експерти. Од името на Универзитетот за туризам и менаџмент, гостинот од Царинската управа беше поздравен од Деканот на Економскиот факултет Проф. Д-р Сашо Кожухаров.
Своето предавање господинот Каргов го започна со преставување на Царинската управа на Република Македонија, која е формирана на 14.04.1992 година, со што веднаш се соочила со проблем, односно со многу мал број на вработени. Значи, првата задача била кадровското екипирање за ефикасно функционирање на оваа институција.
По краткиот вовед за основањето и проблемите со кој се соочувала Царинската Управа, г-динот Каргов во своето излагање нагласи дека неговото предавање нема да се однесува само на чисто царинската проблематика, туку ќе опфаќа повеќе сегменти од работењето на управата. Всушност пред студентите тој го презентираше моделот на организирање и управување во царината, кој може да се примени и во други организации. Но, за да ја објасни комплексноста на организацијата, најпрво ја објасни организационата структура, со цел запознавање на студентите со оделенијата кои се дел од Царината.
Г-динот Каргов во своето излагање напомена дека основна цел на Царината е да се спречи евазијата на царините, односно да се спречи избегнувањето на плаќање на царинските давачки, за што и илустративно и наведе неколку примери на царински измами. Од излагањето студентите можеа да заклучат дека во работењето на царината се имплементирани голем број на аспекти и дека не станува збор само за царински работи, туку има вработени од различни профили и квалификации.
Директорот на Царинската управа, господин Каргов, опфати и некои статистички податоци, односно кажа дека најголема царинарница е царинарницата Битола, додека пак најмногу приходи остварува царинарницата Скопје. Но, покрај основната цел една од најважните дополнителни цели на оваа Управа е институционализирање на механизмите за перманентна самоконтрола и воведување на механизми за обезбедување на перманентен современ развој. За таа цел Царината во своето работење користи 43 софтвери, кои беспрекорно функционираат, и истовремено се стреми за постигнување на што поголема транспарентност во работењето.
Во своето излагање г-динот Каргов не испушти и да спомене за хармонизацијата на царинскиот систем на Република Македонија со тој на Европската Унија, како и за мерките кои ги превземаат на ова поле во земјава на патот кон пристапување кон Унијата.
На крајот од своето предавање, г-дин Ванчо Каргов ја акцентираше соработката на оваа институција со образовниот систем и ги покани студентите на УТМС да ја посетат Царинската Управа и одблизу да се запознаат со системот на работа и организационите единици. Во оваа насока г-динот Каргов реализираше средба со Ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент Проф. Д-р Аце Миленковски, на која уште еднаш беше потенцирана добрата соработка меѓу овие две институции, со акцент истата да се продлабочи во наредниот период.
https://ef.utms.edu.mk/vesti/404-glavna-cel-na-carinata-e-da-sprechi-carinski-malverzacii#sigProIdf956847e87