СТУДЕНТИТЕ ОД УТМС НА САЕМОТ ЗА ТУРИЗАМ “ФИЛОКСЕНИЈА 2012“

    Еднодневен семинар во казиното Фламинго во Гевгелија и практична настава на саемот за туризам во Солун, за над 150 студенти, без надомест, како дел од стратегијата на УТМС за поврзување на теоријата и практиката.
    На 23.11.2012 година, студентите од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, од седумте факултети кои се во негов состав, беа на студиско патување и посета на Саемот за туризам “Филоксенија 2012“ во Солун, Република Грција.

    Тргнувајќи од сопствената стратегија, постојано да го поврзува теоретското знаење на студентите со праксата и бизнисот, УТМС им понуди на своите студенти ексклузивна можност за посета и семинар во “Казиното Фламинго“ во Гевгелија, каде беа одржани три презентации од раководните структури на овој, исклучително успешен деловен објект, компанија која по остварената добивка во минатата година, се вбројува во редот на најуспешните македонски компании.

    Првата презентација беше од страна на финансискиот директор на “Казиното Фламинго“, м-р Новак Лучиќ (магистрирал на Економскиот факултет при УТМС во 2012 година), во која беше презентирана деловната историја на казиното, од идеата до реализација на инвестицијата, со посебен акцент на анализа на пазарот и проценка на ефикасноста на инвестицијата. Потоа, посебно беше елаборирано деловното работење на казиното, од аспект на финансиска анализа, организација на секторите, поделба на одговорностите и функциите. Во анализата на финансиското работење на казиното, посебно внимание заслужува фактот дека време на поврат на оваа инвестиција (која е една од најголемите во областа на туризмот во Република Македонија) изнесува само 4 години, што е над светскиот просек. Директорот Лучиќ, особено се задржа на проблематиката на менаџментот на оперативниот и ликвидносен ризик на казино индустријата.

    Вториот предавач се осврна на користењето на оперативниот софтвер “Макрос Фиделиус“, кој се среќава во работењето на големите реномирани хотелски брендови. Овој софтвер го поседува и УТМС, и планира организирање на обуки за своите студенти (од додипломски и последипломски студии), како и за надворешни лица. Преку користење на овој софтвер казиното Фламинго успешно го менаџира не само сместувањето на гостите во хотелскиот капацитет (кој е во функција на казино посетителите), туку и комплетната услуга на гостите, со нивно рангирање според приоритетот и статусот во казиното. Овој софтвер овозможува и следење на финансиската успешност на сите услуги во казиното, со што се обезбедуваат и сите релевантни податоци за back office на компанијата.
    Третиот предавач даде приказ на безбедносниот систем на казиното, објаснувајќи ги политиките и процедурите, кои се најстроги во ова дејност. Казиното располага и ја следи играта во казиното со преку 360 камери, следејќи го секој сегмент на играта во казиното со најмалку две камери.

    Студентите имаа можност да го разгледаат казиното и да видат како функционира секоја од презентираните содржини (служби или функции). Преку семинарот, имаа можност да се стекнат со теоретски и практични сознанија од планирањето до секојдневно оперативно раководење со бизнисот на овој деловен капацитет.

    По краткото патување, студентите го посетија реномираниот Саем за туризам Филоксенија 2012, во Солун, Р.Грција, каде беше презентирана туристичката понуда на Грција, Турција, на поранешните Советски Републики (Русија, Украина, Казахстан, Ерменија и др.). На саемот студентите беа поделени по групи, секој факултет беше предводен од соодветни Декани или професори, кои практично пред студентите ги анализираа изложените штандови, производи, туристички дестинации. Ова беше ексклузивна можност за студентите на едно место да научат и за туризмот, спортскиот туризам, економијата, маркетингот, односите со јавност, претприемаштвото, како и менаџирањето на човечките ресурси.

    Саемите се места каде целокупната креативност и умешност на компаниите, претприемачите, регионите, па и државите доаѓа до израз. Најголемо внимание привлекуваа моќните хотелски брендови и познатите дестинации (Тасос, Лефкада, Скијатос и др.). Студентите покажаа исклучителна заинтересираност и како што самите изјавуваа, “научија многу“.
    На крајот од ова студиско патување, студентите имаа прилика да уживаат во шопингот во “Космос“.

    Мораме да истакнеме, дека едукативниот семинар и студиското патување, на кое присуствуваа над 150 редовни студенти на сите факултети при УТМС беше овозможено од Универзитетот, без надомест, со што УТМС уште еднаш ја потврди својата улога на лидер во високото образование во Македонија и ја потврди својата висока позиција на една од општествено најдговорните компании во државата.

    ПОВРЗЕТЕ СЕ СО НАС

    Бул. Партизански одреди, бр. 99, Скопје, Македонија

    • dummy contact@utms.edu.mk

    Фондација и стипендии

    Галерија

    © Copyright UTMS 2018.

    Пребарај