Делегација на УТМС и на ФТС Травел, од 30.01 до 02.02.2013 во Мадрид на средби со највисоките претставници на UNWTO и во посета на саемот за туризам FITUR.
Стратешката определба на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје за проширување на меѓународната соработка со цел достигнување на врвните стандарди во образовниот процес, но и промовирање на туристичките потенцијали на Македонија, беше потврдена и практично, како и многу пати досега. Овој пат во Мадрид низ средбите и разговорите со првите луѓе на Светската туристичка организација на Обединетите Нации (UNWTO) кои не беа само формални, туку беше разговарано за конкретни проекти во кои се вклучува УТМС. Тоа, меѓу другото, е и потврда за кредибилитетот на УТМС во рамките на најважната меѓународна институција за туризмот во светот. Официјалните средби на делегацијата на УТМС, предводена од Ректорот Проф. Д-р Аце Миленковски, Деканот на Факултетот за туризам Доц. Д-р Сашко Граматниковски и М-р Љупчо Наќев со генералниот секретар на UNWTO, Талеб Рифаи, извршниот директор Марсио Фавиља, директорката на придружните членки Јоланда Пердомо, директорката на програмата Knowledge Network Еунџи Тае, како и повеќе други, беа искористени за утврдување на натамошните активности на УТМС во рамките на оваа институција, како и за формите на продолжување на подршката што му ја дава UNWTO на нашиот Универзитет. Претставниците на ФТС Травел, Ангела Миленковска, Мери Ничкова, Горан Апостоловски и Андреа Мачкиќ, на Саемот за туризам во Мадрид (FITUR) ги истражуваа можностите за соработка со колегите од повеќе компании и земји, кои беа присутни на саемот, но и ги согледуваа современите трендови на туристичката понуда и новините во туристичкиот бизнис.
Талеб Рифаи ја прифати поканата да ја посети Македонија
УТМС во UNWTOДелегацијата на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје, предводена од Ректорот Аце Миленковски, во седиштето на Светската туристичка организација (UNWTO) во Мадрид имаше прием кај првиот човек на институцијата, генералниот секретар Талеб Рифаи, на кој присуствуваше и извршниот директор Марсио Фавиља, како и директорката на програмата Knowledge Network Еунџи Тае. Притоа, Ректорот Миленковски ги запозна со активностите на УТМС во рамките на UNWTO, тековната и идната соработка, сферите на интерес и конкретните проекти во кои се вклучува нашиот Универзитет. Господин Рифаи изрази задоволство што УТМС е активен учесник и дел од придружните членки на UNWTO, нагласувајки ја важноста од соработка на научните институции во интерес на развој на глобалниот туризам. Во пријателска и срдечна атмосфера, бидејки ова не е прва средба на претставници на УТМС со првите луѓе на UNWTO, стана збор и за можностите и туристичките потенцијали на Македонија, при што господин Рифаи со задоволство ја прифати поканата од Ректорот Миленковски, да ја посети Македонија. Начелно е договорено господин Талеб Рифаи кон средината на оваа година да дојде во Македонија, а конкретниот термин дополнително ќе биде утврден.
Разговори со Јоланда Пердомо за проектот Спортски и адреналин туризам
Јоланда ПердомоУТМС е носител на проектот на придружните членки на UNWTO за Спортски и адреналин туризам, а токму утврдувањето на идните активности во врска со овој прототип беа главна тема на работниот состанок на делегацијата на УТМС со директорката на придружните членки Јоланда Пердомо, одржан на штандот на UNWTO на Саемот за туризам во Мадрид. Станува збор за проект со кој треба да биде подигната свеста за важноста на еден од најбрзо растечките сегменти од туризмот, спортскиот, кој е голем потенцијал кон посочување на одредена дестинација. Целта е да се дизајнира прототип на Спортски туризам во кој ќе бидат вклучени науката, компании, Владата и локалните власти, со што би се постигнале позитивни економски и социјални ефекти. На тој начин, одредена дестинација би била позиционирана на глобалната туристичка мапа. На предлог на УТМС, дестинација за прототипот ќе биде скијачкиот центар Кожуф, Република Македонија. Во програмата за работа на придружните членки на UNWTO е предвидено активностите во врска со проектот Кожуф да започнат во јуни годинава, а ќе трае до крајот на 2014-та година. Во таа насока, Ректорот Миленковски и госпоѓа Пердомо ги договараа првичните активности. Договорено е кон крајот на февруари Јоланда Пердомо да допатува во Македонија, при што, ќе го посети Ски ресортот Кожуф, а ќе биде гостин и на УТМС. На крајот од проектот, во 2014-та година, е предвидено во Скопје да биде одржан семинар на кој ќе биде презентиран прототипот за Спортски туризам. Во меѓувреме, УТМС како носител на проектот, ќе соработува со другите сродни програми на UNWTO. Инаку, на состанокот на делегацијата на УТМС со Јоланда Пердомо, беше разговарано и за интензивирање на соработката со други врвни универзитети, кои се дел од придружните членки на UNWTO.
УТМС наскоро член и на програмата Knowledge Network
Еунџи ТаеВо седиштето на UNWTO во Мадрид, делегацијата на УТМС имаше работен состанок и со директорката на програмата Knowledge network, Еунџи Тае. Во фокусот беа три клучни прашања: 1. УТМС да стане членка на оваа глобална мрежа на знаење, 2. Постапката преку која УТМС би добил сертификат TedQual, и 3. УТМС да биде регионален партнер за анимирање и на други научно-образовни институции да и се приклучат на оваа мрежа во рамките на UNWTO. Ректорот Миленковски и деканот Граматниковски ја информираа госпоѓа Тае дека УТМС веднаш ќе ја започне постапката за зачленување во програмата Knowledge network и побараа подршка за воспоставување нови форми на соработка со другите универзитети кои се членки на оваа мрежа. Информираа и дека УТМС е заинтересиран за стекнување со сертификатот TedQual, со кој се обезбедува гаранција за квалитетни и усогласени програми со другите врвни универзитети, што пак отвора можност за серија други бенефиции за студентите, но и за наставниот кадар од УТМС. Госпоѓа Еунџи Тае изрази готовност да помогне во реализацијата на овие цели на УТМС, посочувајки дека мрежата на знаење засега има 130 членки од 40 земји, кои разменуваат истражувања, студии и стратегии за иновативен развој на туризмот. Целта е, како што рече Тае, овие трудови да не завршат само во форма на материјали, туку низ разни форми на дејствувања, да се преточат и во државни политики и да најдат примена во работата на компаниите што се занимаваат со туризам, со еден збор, да се имплементираат во практичната работа.
Состанок на бордот на придружните членки на UNWTO
УТМС во UNWTOДелегацијата на УТМС, на 01.02.2013, присуствуваше и на состанокот на Бордот на придружните членки на Светската туристичка организација на Обединетите Нации, на кој, меѓу другото, беше усвоен нацрт планот за работа во 2013-та година. Овој план е посебно интересен за УТМС главно поради тоа што во него е предвиден и проектот за спорттски туризам, чиј носител е УТМС, а ќе се одвива и во 2014-та година. Воведно обраќање на состанокот имаше генералниот секретар на UNWTO, Талеб Рифаи, кој говореше за се побрзиот развој на туризмот во светот, потенцирајки го фактот дека во минатата година беа регистрирани над милијарда туристи во светот. Раст е забележан на сите континенти, а најголем пораст во туризмот имаат Кина и Русија, рече Рифаи. Според господин Рифаи, главни предизвици со кои се соочува туризмот моментално и за кои треба да се дејствува глобално се: визната политика, поврзаноста на дестинациите, особено авио-превозот и регулацијата, односно, заштитата на потрошувачите и на компаниите. Членовите на бордот на придружните членки на UNWTO потоа дебатираа за стратегијата за олеснување на визниот режим во државите со што би се стимулирал и економскиот раст низ растот на туризмот. Во специјалната студија на оваа тема е констатирано дека во оние земји каде што има визен режим, најдобро би било визите да се издаваат на пристигнувањето или пак електронски, што во голема мерка би ги олеснило патувањата. Како проблем на туризмот денес, беше посочена и кризата која погоди некои авио компании и нивните одлуки да укинат некои дестинации.
Присуството на овој состанок беше можност за делегацијата на УТМС, не само да ја следи работата на бордот на придружните ченки на UNWTO, туку и да се сретне и да поразговара со членовите на бородот и да воспостави нови пријателства.
УТМС и ФТС Травел на саемот за туризам во Мадрид
На меѓународниот саем за туризам во Мадрид, FITUR, секоја година се собираат околу 9,000 излагачи од над 160 земји или региони, а го посетуваат над 100.000 луѓе. Добра можност, особено за претставниците на ФТС Травел, во деновите на саемот од 30.01. до 02.02.2013-та, да остварат повеќе разговори со претставници на излагачи, да воспоставт нови контакти, да се запознаат со новите трендови во туристичката понуда. Посебна сфера на интерес беа дестинации кои би можеле да бидат интересни за научно – истражувачки практикуми за студентите на УТМС, но и за обновување на туристичката понуда во Македонија.
На крајот, можеме да констатираме, дека беше остварена уште една многу корисна и практична посета на Мадрид, во деновите на Меѓународниот саем за туризам, но и во деновите на важни состаноци на UNWTO, што, без сомневање го вбројува Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје во елитните институции од оваа област, но и меѓу факторите кои имаат свој конкретен удел во креирањето на глобалните политики во туристичката индустрија, како единствени од Република Македонија.
https://ef.utms.edu.mk/vesti/426-utms-ja-prodlabochuva-i-konkretizira-sorabotkata-vo-ramkite-na-unwto#sigProId2be1951c84