УТМС УЧЕСНИК НА ТРКАЛЕЗНА МАСА

    Конкурентноста на претпријатијата како предизвик за стопанството
    Во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија и Националниот совет за претприемништво и конкурентност на, а во соработка со Владата на Република Македонија, на осми април 2014 година се одржа тркалезна маса на тема „Конкурентноста на претпријатијата во Македонија и ваши видувања за подобрување на конкурентноста на Македонското стопанство“ на која учествуваа и претставници од Универзитетот за туризам и менаџмент Доц. д-р Наташа Ристовска и асс. м-р Вера Бошковска.

    На работната средба, претставници од Кабинетот на Вицепремиерот за економски прашања ги презентираа клучните наоди од Студијата за конкурентност, спроведена од јануари до март 2014 година на примерок од 330 (микро, мали, средни и големи) претпријатија во Македонија. Резултатите од истражувањето обезбедуваат база на информации за ставот и перцепцијата на врвните менаџери за моменталната конкурентската способност на македонските претпријатија во производствениот и услужниот сектор, но и реален показател за мерки кои треба да ги преземе Националниот совет за претприемништво и конкурентност на РМ и Министерството за економија, за понатамошно унапредување на конкурентската позиција на македонските претпријатија и на странскиот пазар.

    Според спроведеното истражување и анализата на добиените одговори, македонските претпријатија како главна причина за купување на нивните производи ја наведуваат цената и поголемата вредност која ја добиваа купувачите од парите како на домашниот, така и на странскиот пазар, според што сметаат дека нивна клучна конкурентска предност е цената и квалитетот на производите или услугите кои ги нудат. Резултатите од истражувањето покажуваат дека македонските претпријатија гледаат перспектива за иден раст и развој во својот сектор со освојување на нови пазари и нови производи при што голем дел од нив и чувствуваат потреба за унапредување и работат во таа насока. Македонските претпријатија потенцирале дека најголем проблеми во своето работење имаат со наплата на побарувањата, финансиите, а потоа и со наоѓање на соодветно квалификуван и стручен кадар.

    Во таа насока, од учесниците на средбата беше нагласена потребата од дополнителна соработка помеѓу Универзитетите и бизнис секторот, склучување на договори за пракса на студентите во текот на студирањето, но и прилагодување на наставните програми согласно потребите на стопанството, со цел поголема подготвеност и стручност на кадрите кои ќе можат полесно да одговорат на предизвиците кои ги носи работната позиција.

    Следствено на тоа, се потврдува и потенцира значењето на практиката на УТМС за континуирана соработка со искусни професионалци, претставници од реалниот сектор преку нивно членување во Советодавните одбори, при што програмите на Факултетите се дизајнирани согласно потребите и предизвиците на пазарот на трудот, но се подложени и на континуирано ревидирање од нивна страна. УТМС одржува постојана врска со клучните играчи во индустријата, кои како партнери на Универзитетот даваат значајна поддршка и во квалитетна реализацијата на практична настава на студентите.

    Во понатамошниот тек на дискусијата, учесниците од реалниот сектор ги потенцираа главните проблеми со кои се соочуваат македонските претпријатија во своето работење и дадоа насоки за потребните промени кои можат да придонесат за унапредување на нивната конкурентност.

    На крајот на средбата, беа презентирани предлог мерки за поттикнување на конкурентноста кои произлегуваат како резултат од спроведеното истражување (кредити, грантови за нови производи, промоција на извозот, организирани претставувања на саеми, бизнис форуми, заеднички извоз со партнери, потреба од консултантски услуги, спроведување на законите и борба со нелојалната конкуренција, субвенции, реформи во фискалните давачки и образованието), кои беа надополнети со предлог мерки од учесниците на тркалезната маса, со цел понатамошно подобрување на конкурентноста на македонските претпријатија и на националната економија во целина.

     

    ПОВРЗЕТЕ СЕ СО НАС

    Бул. Партизански одреди, бр. 99, Скопје, Македонија

    • dummy contact@utms.edu.mk

    Фондација и стипендии

    Галерија

    © Copyright UTMS 2018.

    Пребарај