Кампањата на Олимписките игри во Лондон, пример за привлекување на странски туристи
Согласно веќе воспоставената практика за учество на гости предавачи, денес на 08.03.2013, Универзитетот за туризам и менаџмент имаше чест да биде домаќин на Амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија во Република Македонија, г-дин Кристофер Ивон. На предавањето, покрај студентите од УТМС, присуствуваа и дел од професорите, беше презентирана Велика Британија како туристичка дестинација, со посебен акцент на Лондон, како град кој со години наназад го развива туризмот.
Својата презентација амбасадорот Ивон ја започна со прикажување на видео презентација за Велика Британија како туристичка дестинација, каде акцентот беше ставен на Лондон 2012 година, односно одржувањето на Олимписките и Параолимписките игри, кои како што рече тој, претставувале можност за промовирање на Велика Британија како земја за привлекување и остварување на одлични бенефиции во економијата воопшто, и се разбира во туризмот .
Говорејќи за кампањата, амбасадорот Ивон потенцираше дека таа е дизајнирана на темелот на платформата на Олимписките игри кои се одржаа во 2012 година, преку која требале да се прикажат потенцијалите на Велика Британија. Пред се, да се промовира и зајакне угледот на неговата земја во странство, но и да се зголеми економскиот потенцијал.
Предавањата на Амбасадорот Ивон од страна на студентите на УТМС беа проследени со особено внимание, по чие завршување му беа поставувани прашања, кои се однесуваа, пред се, на начинот и можностите за патување во Велика Британија, но и за стратешкото привлекување на значителен број на туристи од Велика Британија, во нашава земја.
Инаку, во рамките на посетата на УТМС, Амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија оствари средба со проректорот за меѓународна соработка Проф. Д-р Зоран Ивановски, со проректорот за настава Проф. Д-р Мијалче Ѓоргиевски, како и со професорот Димитар Бојаџиески, на која беше искажано взаемно задоволство од ваквиот вид соработка на амбасадата со УТМС, која е од обострана корист.
Посетата на неговата екселенција се реализира во рамките на програмата на Универзитетот за туризам и менаџмент за повикување на гости-предавачи, кои со своите излагања имаат можност да ја претстават сопствената држава од економски, туристички и културен аспект.
https://ef.utms.edu.mk/vesti/418-predavanje-na-utms-na-ambasadorot-na-obedinetoto-kralstvo-na-velika-britanija-g-din-kristofer-ivon#sigProIde65acc6af9